Познатата италијанска хуманистка и мисионерка Кјара Лубик истакнува: ,,Постои идеал кој ги надминува сите останати. Тоа е љубовта.’’

Теодора Јованова
Теодора Јованова – одделенски наставник

Јас, како одделенски наставник, сметам дека првиот чекор за позитивно социо-емоционална клима во нашата училница е токму љубовта кон нашата работа, љубовта кон децата и начинот на пренесување на знаењето. Доколку ја работиме работата во која уживаме, работата која нè исполнува и нè прави среќни, тогаш  секогаш имаме позитивни резултати.

 Велат, ако не го употребиш знаењето, ќе го изгубиш. Сосема се согласувам со тоа. Затоа, ние како наставници, имаме цел да ги насочиме нашите ученици да се стекнат со перманентно знаење, знаење кое ќе им служи во иднина. Како успеваме да ја постигнеме таа цел? Употребувајќи современи дидактичко- технички материјали со кои ја поттикнуваме мотивацијата на учениците, го задржуваме нивното внимание и ја развиваме нивната креативност. Учениците секогаш имаат можност да ги искажат своите идеи, мисли, ставови, а притоа да бидат максимално поддржани од страна на наставниците во овој едукативен центар.

Во Алт Скул учениците го совладуваат наставното градиво преку наставни методи кои помагаат да се задржи максимално нивната концентрација и кои, исто така,  помагаат учениците да го поврзуваат наставниот материјал со дел од животната средина. Како успеваме во тоа?

Ќе ви посочам еден од многуте мои примери спроведени при повторување и совладување на наставно градиво по предмет Природни науки во едукативниот центар Алт Скул.  Учениците имаа потешкотии да ги совладаат пршлените кои го сочинуваат ‘рбетниот столб. Јас, мислејќи како учениците полесно да го совладаат поимот пршлен, добив една идеја. Најпрво, им покажав слика од растението бршлен, кое повеќето го имаме во нашите дворови и веќе им е познато. Што значи, наставното градиво го совладуваме движејќи се од познато кон непознато. Учениците веднаш го препознаа растението, чие име го запишавме на таблата. Потоа, првиот глас од растението го заменивме со гласот ‘П‘ и на тој начин го добивме поимот ‘пршлен’. Така, совладувајќи го наставниот материјал од познато кон непознато, учениците се здобиваат со перманентно знаење, а тоа е нашата цел.

  Со текот на годините и стекнатото работно искуство, научив да работам тимски,одговорно, фер, во динамична средина и секогаш енергијата да ја насочувам кон пронаоѓање соодветни решенија за зададените задачи. Љубовта кон децата ме научи на тоа дека колку повеќе гледаме позитивно на задачите, толку подобро ќе ги сработиме. Од друга страна пак, желбата за перманентно образование ме научи дека трпението е клучна особина за да стигнеме до посакуваниот резултат.

Чест и задоволство ми е што сум дел од тимот Алт Скул, каде имам можност знаењата кои ги стекнав при студирање на Педагошкиот факултет во Скопје, преку современи методи, техники и средства  да ги имплементирам во наставата која се изведува во овој едукативен центар.

Categories: БЛОГ

0 Comments

Напишете коментар

Avatar placeholder

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.